Славниот голгетер ја заврши играчката кариера

Тјери Анри стручно ќе анализира за Скај за 32 милиона евра

16.12.2014 13:38

Некогашниот француски репрезентативец ги спакува копачките на возраст од 37 години и реши да не ја продолжи соработката со Њујорк Ред Булс од американската Мејџор Сокер Лига. Со тоа стави крај на една од најуспешните кариери воопшто во ерата на модерниот фудбал...

Легендата на светскиот фудбал, поранешната клупска икона на Арсенал Тјери Анри, официјално ја заврши играчката кариера и потпиша мултимилионски договор да биде експерт на британската телевизија Скај. Во наредните четири години тој ќе биде едно од заштитните лица на спортскиот дел на Скај, за што ќе заработи 32 милиони евра.

Некогашниот француски репрезентативец ги спакува копачките на возраст од 37 години и реши да не ја продолжи соработката со Њујорк Ред Булс од американската Мејџор Сокер Лига. Со тоа стави крај на една од најуспешните кариери воопшто во ерата на модерниот фудбал.

„Одлуката не беше премногу тешка. Тешко е да ја напуштите играта којашто ја сакате и со којашто секојдневно се занимавате, но јас сум задоволен со сето она што го постигнав и воопшто не жалам. Ваквите нешта се случуваат со причина“, изјави Анри, потенцирајќи дека е уверен оти има уште многу да му даде на фудбалот, бидејќи паралелно со експертската работа на Скај и стручно ќе се усовршува за во иднина да се занимава и со тренерска работа.

„Дотогаш ќе придонесувам со тоа што преку телевизија ќе им помагам на луѓето подобро да разберат некои нешта коишто можеби не ги сфаќаат најдобро. Работата како аналитичар значи на едноставен начин да и доловите на публиката што значи спортот. Наша задача во Скај ќе биде да им го приближиме фудбалот на луѓето и уште повеќе“, вели Анри.

Веќе во јануари тој од Њујорк ќе се пресели во Лондон и ќе почне со кариерата во Скај. Ќе му се придружи на тимот којшто веќе како фудбалски експерти ги има некогашните играчи на Манчестер Јунајтед Гери Невил и на Ливерпул Џејми Карагер и Џејми Реднап. Ќе работи како стручен аналитичар и како кокоментатор, но ќе биде и амбасадор на Скај којшто ќе ги предводи најголемите рекламни и маркетиншки кампањи на овој телевизиски концерн. Како што Невил и Карагер ги коментираат натпреварите на Јунајтед и на Ливерпул, Анри ќе ги покрива мечевите на Арсенал во Премиер и во Лигата на шампионите.

За него ова нема да биде прво ссочување со телевизискиот бизнис. Најсилна препорака за најновиот ангажман му беа извонредните настапи како гостин-аналитичар токму на Скај минатата зима, како и тоа што беше дел од екипата на БиБиСи којашто летоска го следеше мундијалот во Бразил.

Тјери Анри освои над 35 големи клупски и репрезентативни трофеи. Со Франција беше и светски и европски првак, со Барселона беше шампион на Европа и на Шпанија, со Арсенал ја освои Премиер Лигата и ФА Купот, со Монако титулата во Франција, а со Њујорк Ред Булс купот на Мејџор Сокер Лигата. Најдобар стрелец е во историјата на Арсенал и на француската репрезентација.