Фудбал - ФИФА Светско клупско првенство

Реал по титула во Мароко!

16.12.2014 13:39

Со серија од 20 триумфи, кралскиот клуб допатува во Мароко како фаворит за трофејот на турнирот на шампионите на сите континенти...

Во перидот во којшто е неприкосновен, Реал Мадрид се соочува со два предизвика, освојување на титулата на ФИФА Светското клупско првенство и надминување на рекордот на бразилски Коринтијанс од 24 врзани победи. Со серија од 20 триумфи, кралскиот клуб допатува во Мароко како фаворит за трофејот на турнирот на шампионите на сите континенти.

За Реал ова ќе биде само второ учество во 11-те издание на клупскиот мундијал, откако во 2000-та загуби во мечот за третото место од мексиканска Некакса. Токму најдобрата екипа од оваа земја и во Конкакаф зоната, Круз Азул ќе им биде противник на мадридистите во денешното полуфинале коешто поради обилните дождови во Рабат ќе се одигра во Маракеш.  

„Имаат карактеристики на мексиканска екипа, играат добро, имаат искусни фудбалери на теренот кои играле во шпанија и кои го познаваат нашиот стил. Во полуфинале секој тим е опасен“, изјави тренерот на Реал, Карло Анчелоти кој и покрај пофалбите за противникот е оптимист дека неговата екипа ќе победи и ќе дојде во позиција на 20 декември да игра за четвртата титула светски клупски шампион. Кога ова беше дуел на европскиот и на јужноаемриканскиот првак, Реал трипати го освојуваше пехарот и тоа во првиот натпревар на некогашниот Интерконтиненателн куп во1960-та, потоа 1998-та и во 2002-та година.

До мечот со европскиот рекордер и актуелен шампион, како дебитанти во ова натпреварување, фудбалерите на Круз Азул дојдоа заморени од 120-те минути во четвртфиналниот триумф од 3:1против освојувачот на азиската Лига на шампионите, австралиски Сиднеј Вондерерс. Покрај претставниците на Африка, Мазембе во 2010-а и Казабланка минатата година, во финалето не играла екипа од друг континент освен од Европа и Јужна Америка.

Во второто полуфинале утре ќе играат победникот на Копа Либертадорес, аргентински Сан Лоренцо и шампионот на Океанија, Оукленд Сити.