МЗТ и Работнички речиси сигурно на завршниот турнир
Според распоредот направен врз основа на пласманот на прволигашката табела во првиот дел од годинашната првенствена сезона...

Вечните ривали во македонската клупска кошарка Работнички и МЗТ Скопје Аеродром ќе имаат полесен пат кон финалниот турнир. Преостанатите аспиранти за настап на завршницата, Фени Индустри, Куманово, Кожув и Карпош Соколи ќе се судрат меѓу себе во четвртфиналната фаза.
Според распоредот направен врз основа на пласманот на прволигашката табела во првиот дел од годинашната првенствена сезона, во четвртфиналето шампионот МЗТ Скопје ќе игра со победникот од осминафилните дуели меѓу Гоце Делчев и Водњански Лисици, додека Работнички ќе се сретне со поуспешниот од средбите меѓу Струмица и второлигашот Т-Баскет.
Многу попривлечни и понеизвесни од нив ќе бидат нокаут-пресметките меѓу Кожув и Фени Индустри и меѓу Куманово и Карпош Соколи, што значи дека само за два од овие шест тима ќе има место на завршниот турнир, предвиден за 21 и за 22 февруари.
Во јануарските квалификации по принципот дома-гости ќе учествуваат сите девет прволигаши и Т-Баскет како единствен второлигаш којшто покажа заинтересираност.
Во претходните неколку сезони, завршницата на купот се играше со по осум екипи, но сега за 23-то издание ќе биде вратен стариот формат со „фајнал фор“. Трофејот од лани ќе го брани МЗТ, којшто има седум пехари, еден помалку од најуспешниот Работнички.
Квалификациски натпревари, 1.коло (1/8 финале)
(10.01.2015) Т-Баскет - Струмица
(10.01.2015) Водњански Лисици - Гоце Делчев
(14.01.2015) Струмица - Т-Баскет
(14.01.2015) Гоце Делчев - Водњански Лисици
Квалификациски натпревари, 2.коло (1/4 финале)
(17.01.2015) Т-Баскет/Струмица - Работнички
(17.01.2015) Кожув - Фени Индустри
(17.01.2015) Карпош Соколи - Куманово
(21.01.2015) Водњански Лисици/Гоце Делчев - МЗТ Скопје Аеродром
(24.01.2015) Работнички - Т-Баскет/Струмица
(24.01.2015) Фени Индустри - Кожув
(24.01.2015) Куманово - Карпош Соколи
(28.01.2015) МЗТ Скопје Аеродром - Водњански Лисици/Гоце Делчев
Завршниот турнир од Купот на Македонија ќе се игра на 21 и 22 февруари 2015 година, а откако ќе бидат познати четирите екипи учеснички, полуфиналните двојки ќе бидат одредени по пат на извлекување.
