Против трговијата со луѓе да се дејстува на регионално ниво

16.12.2014 15:41

Трговијата со луѓе е проблем кој не може да се реши на национално ниво или од една институција. Против овој вид криминал мора да се дејствува на регионално ниво. Македонија е лидер во регионот кога се работи за справување со овој вид криминал. Во Охрид, регионална конференција на оваа тема...

Иако има осцилации, генерално феноменот на трговија со луѓе бележи надолна линија. Сепак овој проблем не може да се разгледува изолирано од сродните,како што се кријумчирањето на мигранти и нелегалната миграција или недозволената трговија со оружје и дрога. Хармонизацијата на легислативата и заедничката соработка помеѓу земјите од регионот можат да придонесат за ублажување на овој предизвик кој е присутен и не може целосно да се искорени.

„Луѓето кои се занимаваат со криминал многу вешто се адаптираат на постојните закони и наоѓаат слабости.Затоа ние преку заедничка соработка треба да пронајдеме методи со кои ќе се следат тие трендови“, изјави Бранимир Мандиќ, директор на РАКВИАК центарот во Загреб.

Учесниците на конференцијата ќе се обидат да ги идентификуваат сивите зони кои не се препознаени како казниви или забранети дела, а кои придонесуваат за зголемување на овој вид криминал.

„Македонија повеќе години е препознаена како земја со најдобри перформанси во регионот во однос на превенцијата и борбата против трговијата со луѓе. Тоа го потврдуваат и извештаите на американскиот Стејт Департмент и во таа смисла е добра прилика македонските искуства, кои што се можеби подобри во регионот исто така да бидат споделени со колегите од Југоисточна Европа“, изјави Трпе Стојаноски, МАРРИ регионален центар Скопје.

Трговијата со луѓе е феномен интересен и од аспект на поврзаноста со трудовата експлоатација,што е само уште една потврда дека сиромаштијата е еден од клучните фактори за зголемување на овој вид криминал.

 

Сашо Нелоски