Прогласени најдобрите претприемачи за 2014-та

16.12.2014 15:03

Првонаградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второнаградените сребрени статуетки и ваучер од 25.000 денари...

Претприемништвото е носител на иновативноста, игра важна улога во забрзување на економски раст и креирање нови работни места. По осми пат бизнис заедниците ги прогласија најдобрите претприемачи во земјава.

Компанијата АЦДЦ-ДЦАЦ доо Скопје, специјализирана за производство на повеќестепени пренапонски повеќезаштитни уреди, е прогласена за најиновативна компанија  од технолошки аспект на денешната манифестација „Претприемач на годината 2014“. На сопствениците на компанијата, министерот за економија, Беким Незири им додели награда од 120.000 денари.

Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Васко Дамевски, менаџер на компанијата „Ксенос“ од Демир Хисар, а втората на Сејди Шахсивари од „Урбан план констракшн“ од Тетово. Првонаграден во категоријата  микро претпријатија  е Андреј Петковски, менаџер на компанијара Ѓорго-комерц од Куманово, а второ награден Звонко Трпковски, менаџер на „Атлантик“ од Скопје.

Првонаградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второнаградените сребрени статуетки и ваучер од 25.000 денари.

Организатори на манифестацијата „Претприемач на годината 2014“ се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија, а покровител Министерството за економија.