Решен статусот на поранешните професионални војници

16.12.2014 16:50

Од одбраната велат дека преку Агенцијата за вработување било утврдено кои лица ги исполнуваат условите утврдени со измените и дополнувањата во Законот за служба во армијата за вработување во државната администрација...

Поранешниот професионален војник Иван Велески по осум години конечно го реши проблемот со вработувањето. Тој е дел од 59-мина што ги потпишаа договорите за работен однос во Министерството за одбрана. Како професионален војник во Армијата бил од 2003-тата до 2006-тата. Неостварена желба му била учество во мировна мисија. Видно возбуден пред камерата на МТВ открива дека му се остварил животниот сон.

„Ова ми е еден исполнет сон, кој долго време го очекував и сега излезе шанса да ми се исполни сонот,и мислам дека ќе биде се во ред. Ова не само јас туку сите го очекувавме. Пресреќен сум“, вели поранешниот професионален војник Иван Велески.

Од одбраната велат дека преку Агенцијата за вработување било утврдено кои лица ги исполнуваат условите утврдени со измените и дополнувањата во Законот за служба во армијата за вработување во државната администрација. Засега тие ќе бидат вработени во Министерството за одбрана, а подоцна доколку има потреба може да бидат прераспоредени и во други институции.

Вработувањето на професионалните војници беше утврдено како законска обврска,со коja се предвидува сите војници кои ќе навршат 45 години и ќе мора да ја напуштат армијата, како и оние кои заминале од службата според претходните старосни ограничувања, да добијат ново работно место во државната администрација до пензионирање.

Поранешните професионални војници на кои поради староста од 35 односно 38 години им престанал работниот однос во Армијата,а кои до 31-ви декември лани биле пријавувани како невработени лица,ќе бидат вработени во работните единици на Министерството за одбрана.

 

Милчо Велески