Крвава драма во Пакистан

16.12.2014 16:57

135 луѓе загинаа, најмногу од нив деца, во воено училиште во Пешавар, во Пакистан откако објектот беше заземен од милитанти. Сите напаѓачи се убиени. Одговорноста ја преземаа талибанците...

Како сцена од хорор филм, деца облеани во крв, во паника бегаат од ученичките клупи,  пискотници на очевидци и на мајки, искршени прозорци и татнеж на експлозии, тоа е сликата од денешниот најкрвав напад во военото училиште во Пешавар. Талибанци облечени во униформи на обезбедувањето упаднале во училиште.

135 загинати од кои 80 деца и голем број повредени е епилогот од крвавата драма. Повеќето деца се на деветгодишна возраст. Сведоците велат дека терористите им стрелале во глава. Полицијата успеала да спаси 500 луѓе.

„Моите деца учат во ова училиште. Изутрината ми се јавија и ми рекоа дека  било нападнато. Веднаш дојдов, едниот син успеа да се спаси, другиот се уште не можам да го најдам. Незнам дали е жив или мртов“, изјави Ејаз Мохамед, татко на ученик.

Меѓу загинатите има  и наставници. Полицијата соопшти дека се убиени сите шест напаѓачи, но теренот се пребарува поради опасност од поставени бомби.

„Штом видов дека почнаа да пукаат, истрчавме од училиштето“, рече Мудасир Аван асистент во училиштето.

Локалните власти прогласија тридневна жалост. Пакистанскиот премиер Наваз Шариф и началникот на генералштабот Рахил Шериф, го опишаа нападот како национална трагедија. Најавија радикална борба со тероризмот и  отпатуваа во Пешавар.

Добитничката на Нобелова награда за мир, Малала Јусуфзаи, која и самата беше жртва на Талибанци, изјави дека срцето и е скршено од ладнокрвното убиство на  децата.

Одговорност за нападот ја презеде милитантната организација Техрик-талибан-Пакистан. Денешниот напад бил одмазда за нападите на пакистанската војска во Северен Вазиристан.  

 

Марија Петковска