Образование: Законските измени ќе донесат квалитетни менаџери во училиштата

16.12.2014 17:20

Со законски измени идните директори на училиштата ќе одат на обука и на испит. Предвидувањата се дека на овој начин треба да се издвојат квалитетните менаџери. За проектот е надлежен Државниот испитен центар, а со него ќе бидат опфатени и веќе избраните и ангажирани директори...

Оној што е способен да раководи со училиште, мора да помине низ обука и испит за да се види колкаво е неговото знаење. Дел од директорите вака ги коментираат измените  во предлог законот. Велат- не е новина. И тие минале низ обуки што им го дале потребното знаење за оваа работа. Разликата во новиот предлог закон е што обуката и испитот ќе се спроведат на транспрентен начин.

„Ако досега не се знаеше еве една новина многу позитивна, каде што јавноста ќе види за каков кадар е за менаџер, па дали има аномалии дали нема па нели како полагал, едноставно ќе биде општо прифатен, нема веќе меѓу народ кај го ставиле него или кај ја нашле неа, значи убав транспарентен начин“, вели Александар Канурков,  директор на „Васил Антевски- Дрен“.

Не се станува веднаш директор, треба многу искуство и надградба на знаењето, вели директорот Гоце Боцевски. Според него, оној што ќе седне на оваа позиција треба да има големо знаење, но и менаџерска способност за домаќински да ја раководи институцијата. Овој предлог закон според него е неопходен, бидејќи на тој начин секој директор ќе ги препознае, но и ќе научи како да ги подобри слабостите во оваа работа.

„Со новите измени точно ќе се знае дали едно лице може да одговри на барањата што секојдневно се наметнуваат за време на работата“, смета директорот на „Мирче Ацев“, Гоце Боцевски.

Предлог закон за обука и испит на директори во училиштата, според надлежните треба да ги издвои квалитетните менаџери. Секој кандидат што ќе ја мине обука потоа ќе полага испит.

Државниот испитен центар ќе ја спроведе обуката која ќе биде во шест модули. Ќе биде задолжителни и за веќе избраните и ангажирани директори.

 

Викторија Тодоровска