Драстично симнат прагот на возраста на нарко-зависниците
На осум години веќе се боцкаат во вена! Експертите велат – тоа е знак за тревога. Причината за ваквата алармантна состојба е што нема контиунитет во лекувањето. Закони има, но, затајува примената во институциите...

Тригодишно дете дува лепило, осумгодишно дете инјектира дрога во вена. За жал тоа се деца од нашата земја, не од некоја друга. Тоа е знак за тревога, велат експертите. Минуваме секојдневно крај нив, ама не преземаме ништо. Немаат точни податоци, но 50 деца се веќе во евиденцијата на невладината ХОБС која работи на теренот. Откако ќе им биде дојавено, тие ги повикуваат родителите.
„Нив да ги мотивираме да му помогнат на тоа дете, понатаму од врата до врата на клиниките да бараме каде тоа дете ќе биде примено“, велат од невладината ХОБС.
Некогаш самите родители бараат помош. Многу пати поплаките стигнуваат на адреса на народниот правобранител поради несоодветното лекување или згрижување на децата кои имаат право да ја победат оваа зависност.
„Се случува детето определено време да биде сместено во клиниката за детски болести, и после тоа да биде префрлено во Клиника за токсикологија, меѓутоа континуитет во лекувањето за соодветен третман за лекување на зависноста нема“, изјави заменик народниот правобранител, Васка Бајрамовска- Мустафа.
Од канцеларијата на народниот правобранител сметаат дека во Македонија има соодветни законски решенија и одредби, но како да затајува нивната примена од одредени институции.
Фиљана Кока
