Кина нуди милијарди за проекти во регионот

16.12.2014 17:55

Во Белград се одржува самит на Кина со 16 земји од Централно- источна Европа и Балканот. Пекинг го гради новиот пат на свилата истурајќи големи суми за инфраструктурни проекти...

„Нов мотор, нова сила, нова платформа“- ова е мотото на третиот самит на Кина со земјите од Централна и Југоисточна Европа чие свечено отворање се одржува попладневно во Палатата Србија.

На Самитот се регистрирани 1.350 учесници, а делегациите се предводени на највисоко ниво. Во Белград се присутни 15 премиери, само Хрватска е застапена на ниво на вице премиер.

Паралелно, во Сава центарот се одржува економски форум на земјите- учеснички. Најавено е дека на овој самит ќе се разгледуваат модалитети за продлабочување на економската и трговската соработка меѓу Кина и земјите од овој регион, но ќе се разгледуваат и конкретни проекти во кои би влегол кинескиот капитал.

Еден од нив е и проектот за брза железница од Солун до Будимпешта, проект кој беше долго најавуван. Инаку, акцискиот план за овој проект би се скроил некаде до средината на идната година, а реализацијата би траела до 2017-та. Оваа брза железница од Солун до Будимпешта би се возела со 200 километри на час.

Македонија би требало да биде вклучена во овој проект, особено ако се има предвид утрешната средба помеѓу четворицата премиери на Македонија, Србија, Кина и Унгарија.

Македонија е прва од земјите која дојде до кинеските средства под поволни услови, доби 580 милиони евра со кои се градат два автопати, кои се клучни за македонската економија, Миладиновци- Штип и Кичево- Охрид.

Кина е еден од најголемите трговски партнери на Македонија. Во првите десет месеци од годинава според Статистика, размената изнесува 425 милиони долари.

Дополнителна тежина на самитот во Белград му дава и фактот што со кинескиот премиер се пристигнати повеќе од 200 бизнисмени. Пристутни се и македонски стопанственици, па можно е да се случи и некаква соработка.

Самитот во Белград е еден од најголемите одржани во Европа годинава.

 

Мартин Пушевски, специјален известувач од Белград за МРТ