Јубилеен концерт на Македонската филхармонија со виртуозот Борис Березовски

16.12.2014 18:23

Овој концерт е централниот настан кој ќе ја заокружи годинашната значајна прослава - 70 години од основањето на најстарата национална музичка институција во земјава...

„Го славиме јубилејот“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи во четврток во Македонската опера и балет во 20 часот.

Овој концерт е централниот настан кој ќе ја заокружи годинашната значајна прослава - 70 години од основањето на најстарата национална музичка институција во земјава.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи под палката на рускиот диригент Дмитри Лис, кој се смета за еден од најдобрите диригенти во Европа од неговата генерација, а како солист ќе настапи виртуозот на пијаното, Русинот Борис Березовски, кој критиката ќе го сврсти во еден од најмоќните пијанисти на денешницата.

Публиката ќе има можност да слушне две грандиозни дела од великанот на руската музика, Петар Илич Чајковски - Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во b-moll, кој се смета за еден од најпопуларните не само од опусот на рускиот композитор, туку воопшто во класичната музика, како и неговата романтична Петта симфонија во e-moll, која е опишана како филозофски автопортрет.

Македонската филхармонија концертната 2014 година ќе ја заврши со уште два значајни настани. На 21 декември во Универзалната сала во 12 часот, Филхармонијата ќе го одржи традиционалниот Новогодишен симфониски концерт за најмладите, кој ќе донесе убава музика и возбудлива приказна. И овој пат, аниматор е миленикот на детската публика, Мартин Јордановски.

На 24 декември, пак, во Македонскиот народен театар во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи празничен џез-концерт со дел од најпознатите џез-нумери аранжирани за оркестар. Солист на концертот е вокалистката Марија Димитријевиќ.

Новата, 2015 година, Македонската филхармонија ќе ја започне на 7 јануари, со пладневен концерт во духот на најголемиот Христијански празник, Божиќ