На регионот му се потребни кинеските инвестиции!
Од кинескиот премиер силна порака- Кина е подготвена да вложува во инфраструктурни проекти и е подготвена да ги мотивира кинеските инвеститори да вложуваат во овој регион...

На регионот му се потребни кинеските инвестиции- ова е пораката која 16 државници му ја испратија на кинескиот премиер. На третиот самит на шефови на влади од Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа, разгледувани се повеќе проекти на кои би можел да влезе кинескиот капитал.
Од кинескиот премиер силна порака- Кина е подготвена да вложува во инфраструктурни проекти и е подготвена да ги мотивира кинеските инвеститори да вложуваат во овој регион.
Најавено е зголемување на финансискиот колач за регионот за дополнителни три милијарди долари, како и фактот дека ќе има повеќе стипендии за студенти од овде да студираат во Кина.
„Сакаме овие држави да ги искористат десетте милијарди од кредитната линија, да се согледаат вистинските потреби. Ние одлучивме да најдеме начин кој одговара, да ги олеснеме овие кредитни линии со пониски трошоци на контрола“, изјави кинескиот премиер, Ли Кечијанг.
Премиерот на Србија, Александар Вучиќ порача дека целиот регион посакува нови инвестиции и отворање на нови работни места.
Македонската делегација ја предводи премиерот Груевски, а дел од неа се вицепремиерот Ставрески, и министрите Јанакиески и Попоски. За утре е закажана квадрилатерална средба на која ќе учествуваат премиерите на Македонија, Кина, Србија и Унгарија. На средбата ќе стане збор за проектот брза железница која треба да го поврзи пристаништето од Солун до Будимпешта и на тој начин да се овозможи побрз и поевтин транспорт на стоки. Утре премиерот Груевски ќе има и билатерална средба со кинескиот премиер.
Македонската делегација не доаѓа во Белград со празни раце, туку има неколку проекти во делот на инфраструктурата и енергетиката кои ќе им бидат понудени на кинеските бизнисмени. Станува збор за проекти кои ќе бидат финансирани надвор од проектите за изградба на двата автопати, Миладиновци- Штип и Кичево- Охрид.
Имено, Македонија беше една од првите земји која дојде до финансискиот колач на Кина вреден 10 милијарди долари, од кои искористивме 580 милиони евра.
„Република Македонија е првата земја која ги користи бенефициите од десетте милијарди долари од кинеската влада. Преку изградба на два нови автопати се прави полесно поврзување на источниот и западниот дел од земјата со главниот град со што се придонесува за зголемување на економскиот развој. Сакаме да ја продлабочиме соработката со Кина и на други проекти“, изјави премиерот Груевски.
Овој Самит во Белград е еден од најголемите во Европа и секако најголемиот во Белград по оној на Неврзаните од 1989 година. Регистрирани се 1.350 учесници и има огромен медиумски интерес, бидејќи од Самитот известуваат повеќе од 1.000 новинари од повеќе од 100 редакциски куќи.
