Груевски на заедничка средба со премиерите на Кина, Србија и Унгарија
17.12.2014 09:36
Ќе се разговара за можноста за изградба на експресна железничка пруга од Будимпешта до Солун преку Белград и Скопје...

Премиерот Никола Груевски денеска во Белград ќе учествува на заедничкиот состанок со премиерите на НР Кина, Србија и Унгарија на кој ќе се разговара за можноста за изградба на експресна железничка пруга од Будимпешта до Солун преку Белград и Скопје.
Македонија, како што изјави премиерот Груевски, е подготвена за соработка во овој проект.
Очигледно е дека пругата од Атина до Будимпешта е приоритет за кинеската страна, а за реализација е потребна соработка со сите држави на таа траса - Унгарија, Србија, Македонија и Грција. Ние сме подготвени да соработуваме и претпоставувам дека ќе разговараме за деталите како ќе се изведе целата операција, за кои временски рокови и под какви услови, изјави вчера Груевски по завршувањето на работниот дел од средбата 16 плус еден.
Покрај ова, претседателот на македонската Влада ќе има и серија билатерални средби со дел од учесниците на Самитот на шефови на влади на Кина и на земјите од Централна и Источна Европа. Предвидено е да се сретне и со српскиот премиер Александар Вучиќ и со кинескиот премиер Ли Кечијанг.
