Уште едно финале за Реал!
Откако ја освои рекордната десетта титула европски првак, престижниот пехар на ФИФА може уште повеќе да ја збогати плодната 2014-та за кралскиот клуб...

Реал Мадрид не запира. 21-та победа едноподруго во сите конкуренции го однесе во финалето на Светското клупско првенство. Откако ја освои рекордната десетта титула европски првак, престижниот пехар на ФИФА може уште повеќе да ја збогати плодната 2014-та за кралскиот клуб.
Во полуфиналето на турнирот во Мароко, Реал го победи првакот на Конкакаф зоната Круз Азул со 4-0. Серхио Рамос во 15-тата и Карим Бензема во 36-тата минута ја најавија убедливата победа. Мексиканскиот тим пропушти можност резултатски да се закани преку пенал на пет минути до одморот, но Касиљас го одбрани ударот на Торадо.
„Играчите се фокусирани и подготвени за предизвикот. Го заслужуваме овој трофеј, а тој ќе биде извонреден крај на годината“, заклучи тренерот на Реал Карло Анчелоти.
Бејл и Иско во вториот дел само го потврдија триумфот на мадридскиот гигант кој досега има три титули светски клупски првак, последната во 2002-ра. За да ја освои четвртата, во финалето треба да го совлада победникот од денешната пресметка меѓу Сан Лоренцо и Оукленд. Аргентинската екипа на турнирот во Мароко допатува како освојувач на Копа Либертадорес и ја носи фаворитската улога против шампионот на Океанија. Претставникот на Нов Зеланд е поискусен според настапите на светските клупски првенства – ова е негов осми, но без позабележителен успех. Привилегијата сезонава да игра во полуфиналето ја заработи со триумфи над домашниот Могреб на пенали во првото коло и над Сетиф од Алжир со 1-0 во второто. Затоа Оукленд е прв состав од Океанија со пласман во полуфиналната фаза на Светскиот клупски куп на ФИФА.
