Прв круг претседателски избори во Грција

17.12.2014 09:57

На коалицијата и треба двотретинско мнозинство, што значи поддршка од 200 пратеници во Парламентот кој брои 300 членови...

Грчкиот Парламент доцна попладнево ќе гласа на првиот од трите можни круга за претседател на земјата, на кој владејачката коалиција се надева дека за кандидатот Ставрос Димас ќе ја добие поддршката од најмалку 161 пратеник.
 
На коалицијата и треба двотретинско мнозинство, што значи поддршка од 200 пратеници во Парламентот кој брои 300 членови, за Димас да биде избран во првиот круг. Ако тоа не успее, што и најверојатно ќе се случи, вториот круг ќе се одржи по пет дена, на 23 декември, на кој исто така се потребни 200 гласови. Третиот и последен круг од гласањето ќе се одржи на 29 декември, но овој пат потребното мнозинство гласови ќе се намали на 180 пратеници, што е и целта на Владата.
 
Ако претседателските избори не успеат, Парламентот ќе биде распуштен во рок од десет дена, а предвремените парламентарни избори ќе се одржат најрано на 25 јануари и 1 февруари. Досегашните анкети покажуваат дека на евентуалните предвремени избори ќе победи главната опозициска партија Сириза.