Кошарка

МЗТ по одмазда во Кавадарци

17.12.2014 10:02

Фени индустри денеска ќе го пречека МЗТ Скопје, а в петок Карпош Соколи ќе се сретне со Кожув...

Во завршните два натпревара од домашниот кошаркарски шампионат за 2014-та протагонисти ќе бидат четири екипи со високи амбиции. Фени индустри денеска ќе го пречека МЗТ Скопје, а в петок Карпош Соколи ќе се сретне со Кожув. Во периодот меѓу дуелите со кошаркарските гиганти Цибона и Црвена Звезда, актуелниот првак ќе има силен мотив за квалитетен настап во салата „Јасмин“ затоа што првата сезонска пресметка ја доби Фени.

На средината на октомври, во првата лигашка рунда, кавадаречкиот состав се радуваше во „Јане Сандански“ со 80-73 и најави турбулентен период во таборот на бранителот на двојната круна. Второто меѓусебно соочување е во 10-тото коло, а во него Фени индустри ќе влезе од четвртата позиција на табелата со биланс пет победи и три порази. „Штрковите“ триумфираа на шест од досегашните осум меча, а од нив подобар ефект има само Работнички, единствениот тим сезонава којшто славеше во Кавадарци. може ли МЗТ Скопје да го оствари истото против Фени, ќе видиме во преносот на Собранискиот сервис на МРТ од 19 часот.