Кошарка – НБА

Мемфис подобар од Голден Стејт во битката за врвот на западот

17.12.2014 12:02

Решавачка беше серијата од 20 поени на стартот од втората четвртина, во која Картер партиципираше со 11, по што лидерот не успеа да се врати...

Во пресметката на најуспешните НБА клубови,Мемфис го совлада Голден Стејт со 105 : 98 и ја прекина победоносната серија на водечкиот тим од 16 победи. Решавачка беше серијата од 20 поени на стартот од втората четвртина, во која Картер партиципираше со 11, по што лидерот не успеа да се врати. Марк Гасол постигна 24 поени и 7 скокови а Зек Рендолф 17 поени и 10 скока, додека кај гостите Клеј Томсон беше најефикасен со 22 поена. За Мемфис тоа е 5 победа по ред или 20 вкупно со што се на чекор зад лидерот, кој го претрпе само третиот пораз сезонава и е сеуште најдобар со импресивни 21 – 3.  Во одлична серија од 9 победи е Оклахома Сити, по успехот во Сакраменто 104 : 92. Беспрекорно одигра “ол стар“ тандемот, Вестбрук постигна 32 а Дурант 26 поени за 12 победа сезонава, со која Оклахома е на пат за влез во “плеј оф“ зоната. Местото пред нив засега го чува Њу Орлеанс, по победата над Јута од 119 : 111 предводени од Дејвис со 31 поен и 9 скокови.

Далас се враќа со 107 : 87 од Њујорк, откако му нанесе катастрофа на домаќинот. Најзаслужен во 18 победа беше Новицки со 16 поени, а на спротивната страна ни 26 на Ентони не помогнаа да се избегне 22 пораз. Дома загуби и Бруклин од Мајами 95 : 91. Вејд со 28 поени придонесе за 12 победа, за 7 место на истокот едно погоре од Бруклин. Вашингтон славеше над Минесота со 109 : 95, предводен од Џон Вол со 21 поен и 17 асистенции за 18 победа сезонава и 2 место на истокот, додека “волците“ остануваат на дното на западот со 5 победи и 19 порази.