Олимпизам
Четири американски желби за Олимпијадата во 2024
17.12.2014 12:38
Тоа се Лос Анџелес, Сан Франциско, Бостон и Вашингтон. Во текот на јануари 2015 година Олимпискиот комитет на САД ќе одреди кој од овие градови ќе влезе во трката...

Четири американски градови покажаа интерес да се кандидираат за добивање организација за Летните олимписки игри во 2024 година. Тоа се Лос Анџелес, Сан Франциско, Бостон и Вашингтон. Во текот на јануари 2015 година Олимпискиот комитет на САД ќе одреди кој од овие градови ќе влезе во трката.
„Олимпискиот Борд е едногласен дека треба да се поддржи кандидатурата. Имаме време внимателно да ги разгледаме сите можности и да го избереме градот кој би имал најголеми шанси да ја добие организацијата. Пред нас е многу,многу тешка одлука, но се надевам дека ќе го донесеме најдоброто решение.“-вели претседателот на Американскиот олимписки комитет, Лари Пробст.
Според првичната финансиска конструкција подговката на олимписките борилишта би чинела меѓу 4 и 5 милијарди долари, заедно со инфраструктурниот дел како што се аеродромите и патиштата, сумата би достигнала до 10 милијарди американски долари.
Лос Анџелес беше организатор на Игрите во 1932 и 1984 година. Сан Франциско, Бостон и Вашингтон ја немале досега таа чест. Осум пати Игрите „претстојуваа“ на тлото на САД, последен пат во 2002 година во Солт Лејк Сити се одржаа Зимските олимписки игри. Чикаго беше последниот американски град кој сакаше да ги „освои“ круговите за Игрите во 2016 , но беше поразен од Рио. Во моментов пет града се на листата со олимписки желби за 2024 година. По којзнае кој пат : Истанбул, потоа Доха,Баку,Будимпешта и одново Париз. Има најави дека и Германија се подготвува да ги кандидира Берлин или Хамбург.Пријавите треба да бидат доставени до Меѓународниот олимписки комитет до средината на 2015 година, а исходот од гласањето на членовите на ИОК ќе биде соопштен во 2017 година.
