Голгетерски блесок на најдобриот македонски фудбалер

Хет-трик на Пандев во Купот на Турција

17.12.2014 12:39

Горан Пандев потсети дека се уште е фудбалер од врвна класа експлодирајќи со хет-трик против третолигашот Балчова во турскиот Куп...

Откако првотимскиот статус во Галатасарај го загуби уште пред два месеца, додека тренер беше Чезаре Прандели, Горан Пандев потсети дека се уште е фудбалер од врвна класа експлодирајќи со хет-трик против третолигашот Балчова во турскиот Куп. Доскорашниот македонски фудбалски репрезентативец доби шанса од новиот тренер Хамза Хамзаоглу во почетниот тим и возврати со три погодока за само 17 минути. Со резервен состав турскиот гигант очекувано славеше со 9-1, а мечот најдобро му легна токму на Пандев, којшто не само што ги запиша првите голови по трансферот од Наполи во Галатасарај, туку го прослави и првиот хет-трик по пауза од пет години. Во 2009 како играч на Лацио трипати ја погоди мрежата на Реџина.

Пандев сезонава беше стартер на три меча во Лигата на шампионите, ниту еден не одигра до крај, а во почетните 11 на Галата беше и на уште еден натпревар во купот. Синоќа одигра 63 минути.

„Пандев е квалитетен фудбалер, еден од оние коишто се важни за нашиот состав, но во моментов не е најдобро физички подготвен. На оваа средба покажа за каков фудбалер станува збор. Напорно работи во овој период, полека влегува во ритам, но се уште не е физички подготвен на нивото коешто го сакаме и коешто ќе му овозможи да биде одличен на теренот“, изјави за турските медиуми тренерот Хамзаоглу.