Сенатот го одобри именувањето на Џес Бејли за амбасадор во Македонија

17.12.2014 12:46

Потврдувањето на Бејли не беше спорно во Сенатот и тој не се соочи со посериозен отпор од некој од сенаторите, но постоеше можност тоа да биде одложено поради хаотичната состојба во Конгресот...

Американскиот сенат вчера, на последниот ден пред да се распушти, го одобри именувањето на неколку десетици функционери номинирани од страна на претседателот Барак Обама, меѓу кои мина и номинацијата на Џес Бејли, предложен за  амбасадор во Македонија.
 
Потврдувањето на Бејли не беше спорно во Сенатот и тој не се соочи со посериозен отпор од некој од сенаторите, но постоеше можност тоа да биде одложено поради хаотичната состојба во Конгресот кој тешко се усогласи околу договор за финансирањето на централната влада.
 
На последниот ден, спикерот Хери Рид успеа да ги стави на дневен ред именувањата на десетици функционери пред сенаторите, кои набрзина беа одобрени. Покрај Бејли, сенатот ги одобри именуваните амбасадори во Црна Гора, Ерменија и Азербејџан, како и именувањето на советникот на претседателот Обама, Тони Блинкен за заменик државен секретар, кој ќе го замени досега највисокиот дипломат од кариера во Стејт департментот, Вилијам Барнс.