Претставен проектот за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина

17.12.2014 13:05

На средбата бил парафиран и договорот за олеснување на царинските процедури на граничните премини меѓу земјите потписнички...

Премиерите на Кина, Македонија, Србија и Унгарија на заедничка средба во Белград го разгледаа проектот за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина, кој ќе се финансира со средства од Народна Република Кина.

„Се работи за еден значаен и крупен проект што може да има позитивно влијание врз економскиот развој на Република Македонија и од тој аспект го побуди нашиот интерес. Со оглед на тоа што недостасуваат информации за моделот и начинот на финасирање, финасиската конструкција и какво ќе биде учеството на кинеската страна и на земјите што учествуваат останува да ги добиеме тие информации, а потоа ќе направиме анализи и соодветно ќе ја искажеме нашата позиција“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

На средбата бил парафиран и договорот за олеснување на царинските процедури на граничните премини меѓу земјите потписнички.

Договорот предвидува царините на сите четири земји да соработуваат во делот на размена на информации и документи, како и да се признава царинењето и постапката од другите царини и да ја продлабочи соработката.

Македонскиот премиер Никола Груевски имаше и одделна средба со домаќинот на конференцијата, српскиот премиер Александар Вучиќ. Синоќа премиерот Груевски се сретна со унгарскиот колега Виктор Орбан.