Се разгореа жариштата во Средниот и Блискиот Исток
Во Сирија бунтовниците од Исламска држава нападнале две воени бази, а во Авганистан талибанските екстремисти зазеле банка, и ги држат во заложништво вработените. Во тек е операција на полицијата за ослободување на заложниците...

Се разгореа жариштата на војната на Средниот и на Блискиот Исток. Во Сирија нова драматична состојба. Нападнати две воени бази на сириската војска во северозападниот дел на земјата.
Припадниците на Ал Каеда придружени со следбеници од други екстремни исламски организации целосно ги ставиле под контрола сириските сили за безбедност во воените кампови. Според извори на бунтовниците дел од војниците биле протерани, но има и околу 200 загинати. Во овој дел на плантетата, земјите се постојано под закана од безумието на тероризмот.
Талибанските екстремисти зазеле банка во Авганистан и ги држат во заложништво сите кои се затекнале во банката. Потпаролот на полицијата соопшти дека четворица вооружени луѓе влегле во зградата, а потоа еден од терористите активирал експлозивна направа. Нема информации колкумина се загинати или повредени. Силите на безбедноста ја опколиле банката и се пресметуваат со терористите.
Пакистанските власти по вчерашниот масакр во воено училиште во близина на Пешевар, при што повеќе од 140 луѓе го загубија животот прогласија тродневна жалост. Државниот врв најави радикална борба против тероризмот и го укина мораториумот за смртна пресуда за сите кои се вклучени на било кој начин во ова зло на денешнината.
Државата се подготвува за погребот на жртвите, од кои над 80 беа деца. Светските безбедносни аналитичари за масакрот во Пакистан оценуваат дека Талибанците со стрелањето во децата всушност пукале во иднината на земјата.
Марија Петковска
