Прв круг претседателски избори во Грција
Ќе се гласа за поддршка на 73-годишниот Ставрос Димас кој што е единствениот кандидат на владеачката коалиција...

Вечерва во грчкиот Парламент се очекува да започне гласањето во првиот круг на претседателските избори во Грција. Ќе се гласа за поддршка на 73-годишниот Ставрос Димас кој што е единствениот кандидат на владеачката коалиција.
Ставрос Димас доаѓа од редовите на Неа Димократиа на Антонис Самарас. На македонската јавност и познат како поранешен шеф на грчката дипломатија, во периодот кога беше донесена пресудата на судот во Хаг во постапката против Грција. Тој претходно, меѓудругото, беше и Еврокомесар за животна средина. Лидерот на Неа Димократиа смета дека поради најверојатното фијаско во изборот на Димас, Грција е исправена пред политичка криза и предвремени избори.
„Претседателските како да најавуваат изнудени предвремени парламентарни избори. И додека се стабилизираме економски и влегуваме во период на заздравување, над Грција се надвиснуваат темни облаци на политичка нестабилност“, изјави премиерот на Грција, Антонис Самарас.
Според предвидувањата Димас нема да успее да ја добие потребната двотретинска поддршка на 200 пратеници во првиот круг, а истото се предвидува и за вториот што ќе се одржи по 5 дена. Затоа, сите очи се уште од сега вперени во третото, последно гласање на 29 ти декември, кога ќе биде потребната поддршката од 180 пратеници. Доколку и тогаш Димас не биде избран за претседател на Грција, за најдоцна десет дена се распишуваат предвремени парламентарни избори.
Последните анкети покажуваат предност на опозициската Сириза на Алексис Ципрас пред владеачката Неа Димократиа на Самарас.
Марија Котовска - постојан дописник на МРТ од Атина
