Брза пруга за побрз економски развој на регионот
Премиерите на Кина, Македонија, Србија и Унгарија на заедничка средба во Белград го разгледаа проектот за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина, кој ќе се финансира со средства од Народна Република Кина. На премиерската средба беше парафиран и договорот за олеснување на царинските процедури на граничните премини меѓу земјите потписнички...

Вториот ден од самитот во Белград ја донесе средбата Груевски- Ли Кечијанг. Премиерите на Македонија и Кина разговараа за повеќе конкретни проекти во делот на енергетиката, туризмот, индустријата, за поволностите во слободните економски зони и за влезот на кинески инвеститори, но и за нови поврзувања во авиотранспортот.
Било отворено прашањето и за финансисрањето на гасоводната мрежа во земјава и колку ЕКСИМ банката, која под поволни услови даде пари за автопатите, може да помогне и во тој дел.
Според премиерот Груевски се очекува конкретна реализација на дел од проектите.
„Едната од нив беше градба на голема фарма и кланица во Македонија. Од тогаш до сега кинеска компанија дојде три пати во Македонија со голема делегација. Ги разгледуваат сите можности за тоа, прават анализи. Второ, и минатата година и сега особено покажаа голем интерес за изградба на цементарница во Македонија“, изјави премиерот Груевски по средбата.
Груевски оствари и средба со српскиот премиер Александар Вучиќ, на која и претходеше состанокот меѓу Македонија, Кина, Унгарија и домаќинот Србија.
Четирите земји ставија потпис на договор кој ќе го олесни царинењето на стоките и ќе обезбеди побрз и поевтин транспорт преку границите, како и пониски трошоци за компаниите.
И на билатералната средба и на мултилатералната, се разговараше за брзата железница од пристаништето во Атина до Будимпешта.
„Изградбата на овој проект ќе послужи за развој на регионот и ќе помогне да се остварат интересите на НР Кина и на земјите од Централна и Источна Европа. Изградбата на пругата ќе помогне да се унапреди логистиката меѓу четирите земји и да го олесне протокот на лица и капитал“, нагласи кинескиот премир Ли Кечијанг.
„Новото поврзување со нашите пријатели од Македонија, Унгарија и Грција ќе ни донесе ново и значајно поврзување со Европа. Нема да служи само за превоз на патници, туки и за неспоредливо побрз превоз на стока“, изјави српскиот премиер Вучиќ.
Груевски на средбата со Кечијанг договориле министрите за финансии и за транспорт на двете земји да ги прецизираат деталите околу начинот за финансирање на проектот за изградба на брзата железница. Македонија има интерес да влезе во овој проект.
„Какво ќе биде учеството на кинеската страна и на земјите што учествуваат останува да ги добиеме тие информации, а потоа ќе направиме анализи и соодветно ќе ја искажеме нашата позиција. Се работи за еден значаен и крупен проект што може да има позитивно влијание врз економскиот развој на Република Македонија и на сите земји во регионот“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Од белградскиот самит беа испратени повеќе пораки- дека на регионот му се потребни кинеските инвестиции и дека на Кина и е потребен европскиот пазар, имајќи предвид дека стариот континент е најголемиот трговски партнер на азискиот економски џин.
Мартин Пушевски, специјален известувач за МРТ од Белград
