Нови 1.000 вработувања: Македонија е нова дестинација на американски „Гентерм“
17.12.2014 16:42
Влегувањето на Гентерм во Македонија, денеска го потврди и Премиерот Груевски од Белград. Вели дека ова е една од побрзите инвестиции. Договорена е за шест месеци, а во преговорите со американската компанија учествувале и економските промотори...

Македонија е следната бизнис дестинација на американската компанија „Гентерм“. Одлуката за инвестирање ја најавија на својата интернет страна. Планираат да вработат 1.000 луѓе во фабриката што ќе ја градат во Прилеп.
Влегувањето на Гентерм во Македонија, денеска го потврди и Премиерот Груевски од Белград. Вели дека ова е една од побрзите инвестиции. Договорена е за шест месеци, а во преговорите со американската компанија учествувале и економските промотори.
„Седиштето на компанијата е во Детроит, имаат европско седиште и во Минхен и е мултинационална компанија, има фабрики на повеќе континенти. Вработува огромен број на луѓе, има над 8.000. Така што, по разговорите што ги имавме со нив, одлучија да градат фабрика во Прилеп, фабрика за грејачи на седишта за автомобили и волани на автомобили“, изјави премиерот Груевски.
Американската компанија Гентерм е лидер на светскиот пазар и развивач на иновативни технологии за термален менаџмент. За почеток ќе изградат објект од 6 илјади квадратни метри. Со работа планираат да почнат кон крајот на 2015.
„Македонија ни обезбедува конкурентна средина и понатаму да ги извршуваме нашите амбициозни планови за раст во Европа и на други места во светот“, вели Даниел Кокер, претседател на компанијата, во соопштението објавено на веб страницата на компанијата.
Убавата вест за прилепчани Премиерот ја најави и на својот Фејсбук профил. Во објавата вели дека работата и упорноста на Владата дадоа резултати.
Сунчица Николовска
