Саемот за вработување- можност за невработените кумановчани

17.12.2014 16:31

Околу 10.000 невработени лица имаа можност да побараат работа на Саемот за вработување во Куманово. Ова особено за младите е голем предизвик...

Невработените лица од Куманово имаа можност да се информираат и да поплнат апликација за вработување на отворените огласи што ги понудија 52 компании од Куманово и соседните општини на саемот за вработување кој се одржа во Центарот за култура.

Меѓу невработените имаше и млади, но во поголем број беа повозрасни луѓе кои според нивните кажувања би прифатиле да се преквалификуваат и да прифатат работа која не им е во струката.

„По професија сум електро-техничар, имам искуство во струката, но не е проблем да прифатам и работа од друга струка. Еве само што пополнив барање за магационер и сметам дека може да одговрам на работната задача.“

„Без работа сум подолг период, не бирам, би прифатила работа во некоја фабрика, а може и трговија“, велат граѓаните баратели на работа.

Работодавачите апелираа да се јавуваат дефицитарните кадри, особено во прехрамбената, чевларската и текстилната индустија.

„Ни пристигнаа и повеќе апликации од очекуваното.Ние сме од угостителскиот скетор и имаме оглас за келнер, шанкер и магационер.“

„Очекувавме да се пријават повеќе млади луѓе од областа на електротехниката. Ги собравме сите апликации се пријавија од разни профили и во идина доколу има потреба ќе ги контактираме“, изјавија дел од работодавците кои се претставија на саемот.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, рече дека манифестацијата е многу битна за сите оние кои бараат работа и апелираше до младите да бидат поактивни и да се јавуваат на огласите.

Се надевам дека денешниот ден ќе донесе доста вработувања, ќе донесе доста позитивни одговори на барањата за работа, воедно ќе донесе доста позитивни одговори од компаниите бидејќи ги нашле соодветните вработени, и дека во иднина ќе имаме доста вработувања во Куманово“, рече Поповски.

Воедно тој ја најави изградбата на фабриката Веибо во индустриската зона Ранковце која во наредниот период треба да вработи 8.000 лица од северо-источниот регион.

 

Габриела Димковиќ