Синдикатите за сообраќај и за текстилно-кожарската индустрија го поддржаа законот за хонораци
Секој труд треба да се плати. Според претставникот на организацијата на работодавачи ваков закон е потребен бидејќи досега не се почитувала одредбата за привремени вработувања...

Синдикатите за сообраќај и врски и текстилно-кожарската индустрија го подржуваат законот за хонораци. Сметаат дека за секој труд треба да се плати и дека над 100 илјади граѓани кои работат за хонорар мора да имаат платени придонеси.
„Потпишан договор за работа со сите клаузули внатре. Дадена изјава дека во негово име ќе ги уплатува работодавачот, тука нема да има нечисти односи. Но работниците ќе треба да се охрабрат и да пријават ако платата им се намалува по некој основ како да знаеме дека таква работа се случува и да се регира“, смета Анѓелко Анѓелковски, претседател на Синдикат за текстилно-кожарска и чевларска индустрија.
Доколку некој остварува приходи од повеќе вакви договори чијшто вкупен износ е над минималната плата, тогаш работникот сам ќе си ги плаќа придонесите. Според претставникот на организацијата на работодавачи ваков закон е потребен бидејќи досега не се почитувала одредбата за привремени вработувања.
„Новинарите на пример, не можат да бидат вработени со договор на дело во телевизија. Тоа е основна дејност. Може да се ангажира некој од надвор за работа која се случува два-три дена, кога ќе ја заврши, ќе си замине. Ние тоа не можевме да го исконтролираме, затоа сега на сите видови договори ќе треба да се плаќаат придонеси“, вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи на Македонија.
Законот за плаќање придонеси на хонорарните работници стапува во сила на 1 јануари.
Исклучоците кои се прават за авторски договор и договор на дело се однесуваат само за пензионери кои имаат потпишано некој од овие два договора, сите останати граѓани, без оглед дали се функционери или не ќе мора да плаќаат придонеси.
Наташа Јанчиќ
