Тридневна жалост во Пакистан: Државниот врв најави радикална борба против тероризмот

17.12.2014 17:02

Разурнати училници, крвави траги на столчињата, дупки на ѕидовите сведочат за вчерашниот хорор во Пешавар. Очевидците не можат да се соземат од шокот...

Со поглед свртен кон небото и огромна тага и гнев, милиони Пакистанци се уште се во шок. Ги погребуваат жртвите од вчерашниот масакр во военото училиште со 142 загинати меѓунив 132 деца. Разурнати училници, крвави траги на столчињата, дупки на ѕидовите сведочат за вчерашниот хорор во Пешавар. Очевидците не можат да се соземат од шокот.

„Видов како некои луѓе доаѓаат со комбе. Влегоа во училиштето и потоа се слушнаа многу истрели. Се исплашив и избегав дома“, изјави Забихулах, сведок на нападот.

„Луѓето кои влегоа зборуваа на странски јазик. Сите странци треба да се избркаат од земјава, тие го злоупотребија нашиот гест на гостопримство. Тие се извор на проблемите“, вели Мухамед Рашд, професор.

Премиерот Шариф го укина мораториумот за смртна пресуда за сите кои се вклучени на кој било начин во ова зло на денешнината.

„Она што го видовме вчера не смееме да го заборавиме. Мора да се бориме против тероризмот, да го запреме џихадот. Ова е најголема трагедија во историјата на Пакистан. Ќе се обидеме да го искорениме тероризмот не само од нашата земја туку од целиот регион“, смета премиерот Наваз Шариф.

Властите најавија радикална борба против тероризмот.

„Стоиме на местото каде што вчера стоеја учениците. Овдека завршија многу млади животи. Мора да се спротивставиме на овој терор“, изјави мајорот Асим Салем.

Светските безбедносни аналитичари  оценуваат дека Талибанците со стрелањето во децата всушност пукале во иднината на земјата. Ја продолжуваат радикалната  борба против образованието на женските деца и нивното вработување. Се обидуваат да го воведат шеријатскиот закон.

Покрај наставничките и  директорката била дел од планот за ликвидирање, била запалена жива бидејќи била мажена за поранешен војник.

Аналитичарите велат дека иако нападот го сврте вниманието на светот кон радикалите и им даде публицитет, долгорочно тоа ќе предизвика сериозни последици за исламистите.

 

 

Марија Петковска