Земјоделците ја зголемуваат продуктивноста
Конзервната индустрија заживува, велат преработувачите. Македонскиот ајвар, цвеклото и слаткото од смокви се најбарани на странскиот пазар. Во вакви услови земјоделците се интересираат за начините како да се зголеми продуктивноста, веќе има успешни приказни...

Традиционални сорти на цреши и јаболка по најнова технологија се одгледуваат и на македонските ниви. Овој иновативен земјоделец македонската почва и сонце ги искористи за да произведува како што тоа се прави на италијанските и француските полиња.
„Подразбира многу мали садници кои растат во вид на лозје. На таков начин ги одгледуваме и црешите и јаболката, таквиот начин е попогоден за обработка“, вели овоштарот Теодорос Тасмадис.
Со висок принос од 5,5 тони пченица по хектар земјоделецот Бубе Трајковски произведува на 820 хектари. Има современа механизација, зема субвенции.
„Ова година ја завршивме на 282 хектари јачмен со просечен принос од 6.100 килограми што е реткост за Македонија“, вели Бубе Трајковски, производител на житни култури.
Конзервната индустрија заживува, велат преработувачите. Македонскиот ајвар, цвеклото и слаткото од смокви се најбарани на странскиот пазар.
„Имаме годишно производство некаде од околу четири милиони евра, а 70% од тоа производство се пласира во странство“, изјави Ѓорги Атанасов, преработувач.
Банките ги препознаа најдобрите земјоделци, она што им е потребно велат е финансиската подршка во агробизнисот.
„Имаме пласирано повеќе од 65 милиони евра во аграрот. Нашето искуство покажува дека е ова најквалитетна почва“, нагласува Емилија Спировска од ПроКредит банка.
Консолидација на земјиштето, формирањето на гарантниот фонд за ИПАРД средствата и новите мерки за подршка на органското производство се директно насочени кон земјоделецот.
Конкурентно земјоделско производство е целта на македонскиот аграр кој бележи зголемување последниве години.
Дијана Ценевска
