Виртуозот Березовски со Македонската филхармонија за јубилејот

18.12.2014 09:39

Концертот е централниот настан кој ќе ја заокружи годинашната значајна прослава - 70 години од основањето на најстарата национална музичка институција во земјава...

„Го славиме јубилејот“ е насловот на симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва во Македонската опера и балет во 20 часот.
 
Концертот е централниот настан кој ќе ја заокружи годинашната значајна прослава - 70 години од основањето на најстарата национална музичка институција во земјава.
 
Оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи под палката на рускиот диригент Дмитри Лис, кој се смета за еден од најдобрите диригенти во Европа од неговата генерација, а како солист ќе настапи виртуозот на пијано, Русинот Борис Березовски, кој критиката го вбројува меѓу најмоќните пијанисти на денешницата.
 
Публиката ќе има можност да слушне две дела од великанот на руската музика, Петар Илич Чајковски - Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во b-moll, кој се смета за еден од најпопуларните не само од опусот на рускиот композитор, туку воопшто во класичната музика, како и неговата романтична Петта симфонија во e-moll, која е опишана како филозофски автопортрет.
 
Македонската филхармонија концертната 2014 година ќе ја заврши со уште два значајни настана. На 21 декември (недела) во Универзалната сала во 12 часот, ќе го одржи традиционалниот Новогодишен симфониски концерт за најмладите, кој ќе донесе убава музика и возбудлива приказна. 
 
На 24 декември, пак, во Македонскиот народен театар во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи празничен џез-концерт со дел од најпознатите џез-нумери аранжирани за оркестар.
 
Солист на концертот е вокалистката Марија Димитријевиќ.
 
Новата, 2015 година, Македонската филхармонија ќе ја започне на 7 јануари, со пладневен концерт во духот на најголемиот христијански празник, Божик.