Кошарка - НБА
Перо се врати со победа
18.12.2014 10:24
Антиќ се врати по паузата поради вироза, имаше респектабилни 4/6 од поле без загубена топка и висока валоризација, во 11-та победа на Атланта во последните 12 средби...

Перо Антиќ одигра солидна партија во Кливледн, Хокс славеа кај Кавалирс со убедливи +29 (98:127). Нашиот интернационалец постигна 11 поени, со 4 скокови и 2 асистенции, за 13 минути на паркетот. Антиќ се врати по паузата поради вироза, имаше респектабилни 4/6 од поле без загубена топка и висока валоризација, во 11-та победа на Атланта во последните 12 средби.
Хокс играа без најдобриот стрелец Џеф Тиг. Моментот го искористи резервниот бек Шелвин Мек кој што постигна личен рекорд од 24 поени, погодувајќи ги сите 6 обиди за три. Победата на Атланта добива на димензија, ако се земе в предвид податокот дека на средината на вториот период Хокс губеа со 50:38, но до крајот постигнаа 89, наспроти 48 поени на домаќинот. Леброн Џејмс постигна 21 поен, но не играше во последната четвртина. Кевин Лав имаше 13 поени со 10 скокови.
На другите средби, Мемфис го преживеа трилерот во Сан Антонио и победи по три продолженија, со 116:117. Марк Гасол постигна 26 поени, вклучувајќи ја и можеби клучната тројка на крајот на 4-та четвртина. Рендолф имаше 21 поен со 21 скок. Кај поразените, Дени Грин имаше 25 поени, Данкан 23 со 16 скокови, Џинобили постигна 21 поен. Гризлис беа на прагот на пораз во последниот период, во првото и во третото продолжение, но покажаа карактер и ја прекинаа серијата од 10 загубени дуели кај Спарс, остварувајќи ја 6-та победа во низа.
На сите 10 одиграни средби во синоќешната НБА понуда, победникот постигнуваше над 100 поени. го издвојуваме и учинокот на Харден, кој што имаше 41 поен со 10 асистенции во победата на Хјустон против Денвер, 111:115.
Феникс - Шарлот 111:106
Бостон - Орландо 109:92
Далас - Детроит 117:106
Јута - Мајами 105:87
Торонто - Бруклин 105:89
Портланд - Милвоки 104:97
Клиперс - Индијана 102:100
