Прилепчани со посна трпеза во центарот на градот ќе го прослават Свети Никола
Прилеп по 9-ти пат со посна трпеза во центарот на градот ќе го прослави светецот заштитник – Свети Никола. Во духот на безграничната добродетелност на светецот, прилепчанки ги приготвија познатите мали посни сарми...

Децениска традиција на градска прослава, вековна за приготвување посни сарми. Прилеп подготвен за одбележување на светецот-заштитник Свети Никола. Прилепчанки од четири здруженија ја приготвија посната трпеза. Главно место имаат гинисовите мали посни сарми
Под мотото „Со љубов за Прилеп“, 60- ина прилепчанки за празникот Свети Никола приготвија преку 60.000 посни сарми. Ова е деветти пат како се одржува традицијата за Свети Никола.
Прилепчанки весело ги засукаа ракавите.
„60.000 сарми да свиткаме не се ништо за нас“, вели Љубица Петреска, здружение „Мајка традиција“.
Годинашен домаќин на градската прослава на Свети Никола е Мермерскиот комбинат.
„Ќе се подготват 350 килограми грав, исто толку килограми риба, сармичките ќе се варат во црквата „Свети Димитрија“ во село Селце, ќе има 2 тоа вино и ќе има добра забава“, вели Јасна Аџиеска Петрушева, Мермерски комбинат.
Градот горд на традицијата која ги сплотува луѓето, токму во пресрет и на својот милениумски роденден.
„Се подготвува градот за пречек на илјадници гости кои ќе го посетат Прилеп и илјадници прилепчани кои ќе излезат во центарот на градот да гја проследиме литургијата во чест на овој светец“, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Со благослов и во духот на безграничната добрина на Свети Никола ќе ја понудат посната трпеза.
„Да имаат добро здравје, љубов и сите желби да им се исполнуваат, на домашен, на работен план“, вели Љубица Петреска.
Елизабета Митреска
