Климатски промени: Суши и поплави во регионот на Западниот Балкан во наредната деценија
Климатските промени предизвикани од загадувањето на планетава во последниот век за 9 степени ја зголемиле просечната температура. Регионот на Западниот Балкан според предвидувањата на Светска банка во наредната деценија ќе го погодуваат суши и поплави...

Климатските промени на планетава веќе создаваат последици. Зголемената просечна температура за 1,5 степен во наредната деценија ќе носи повеќе сушни периоди во текот на летото и поплави на Балканот. Македонија нема да биде исклучена од оваа прогноза на научниците коишто го подготвија најновиот извештај на Светска банка за климатските промени предизвикани од загадувањето.
„Земјоделството е зависно од климата. Врнежите и сушата ќе влијаат. Македонските фармери коишто најмногу ги наводнуваат посевите од реките, ќе мора да бидат подготвени за сушата и да ја користат рационално водата што ја имаат на располагање. Овие мерки се добри во секој случај и ако не беа климатските промени, затоа што ќе има корист за локалната економија“, смета Калсам Ахмед, Програмски менаџер за околина и природни ресурси во Светска банка.
Македонија има добри закони и мерки за остранување на последиците од климатските промени, но треба тие да се спроведат на дело што е можно побрзо за да се избегне ефектот од сушите и поплавите, вели експертот на Светска банка за околина и природни ресурси. Според неа, намалувањето на загадувањето во Скопје ќе биде добро не само за здравјето на луѓето, туку и за економијата.
„Многу од загадувачите обично одат во воздухот. Ова предизвикува здравствени проблеми кај луѓето коишто морат да губат работни денови поради отсуство. Овие загадувачи се издувни гасови што ја загадуваат и атмосефарата и ја затоплуваат планетата. Ако го намалите нивото на овие загадувачи веднаш ќе добие корист за локалната економија, на национално и глобално ниво за справувањето со климатските промени. Овие извештаи во детали даваат мерки како да се намали загадувањето“, додава Ахмед.
Светска банка прогнозира дека економските штети од климатските промени во наредните децении ќе стануваат се поголеми, доколку државите веднаш не преземат мерки за намалување на загадувањето со користење на еколошки чисти извори на енергија.
До крајот на векот, како последица на климатските промени температурата на планетава ќе биде зголемена за 4 степени повеќе во однос на нормалното. Тоа ќе предизвика летните месеци да бидат за 80% повеќе сушни.
Ирина Гелевска, постојан дописник од САД за МРТ
