Македонија со висока оценка од магазинот „Форбс“
Нова потврда на добрата бизнис- клима. Угледниот магазин „Форбс“ ја рангираше земјата на 31-та позиција на листата најдобри земји за водење бизнис. Од регионот, единствено Словенија подобро котира од нашата земја...

Македонија со скок од пет места во најновата листа на „Форбс“, посветена на најдобрите земји за водење бизнис. Сега сме 31-ви од 146 држави, и заедно со Словенија сме највисоко рангирани во регионот. Олесните услови за водење бизнис, стабилната економија и растот на БДП од 3,1% во 2013-та година се причините за подобрениот скор во однос на лани.
Анализирано по одделни индикатори, регулаторната гилотина и ја донесе на Македонија третата позиција во однос на бирократските процедури. Во делот на монетарните слободи сме шести, кај даночното оптоварување седми, а кај заштитата на инвеститорите 21-ви. Во однос на пазарните перформанси сме 17-ти, а сме напреднале и во делот на иновациите и сега сме на средина – на 65 место.
„Македонската економија е тесно поврзана со Европа од аспект на извозот и инвестициити и затоа беше погодена од континуираните слабости на еврозоната. Сепак, Македонија успеа да одржи макроекономска стабилност за време на глобалната финансиска криза, спроведувајќи внимателни монетарни политики кои домашната валута ја држат врзана за еврото, како и со ограночувањето на фискалниот дефицит“ – стои во објаснувањето на „Форбс“.
Од регионот, најдобро котира Словенија – на 14 место. Бугарија е 42-ра, Хрватска 46-та, две места подолу е Црна Гора, Турција и Грција се на 50-то и 51-то место, Албанија е 58-ма, БиХ и Србија го делат 84-то место. На врвот на листата се Данска, чиј ас во ракавот е флексибилниот пазар на труд, па следуваат Хонг Конг и Нов Зеланд, додека на дното Либија, Чад и Гвинеја. Во рангирањето се користени податоци од повеќе институции, како Светска банка, Фридом Хаус, Фондацијата Херитиџ, Светскиот економски форум.
Мартин Пушевски
