Металург поразен и од Раднички
Домашниот состав славеше само втора победа оваа сезона по триумфот над последнопласираниот Борац во септември...

Македонскиот првак Металург се посрамоти кај екипата од дното на Сеха лигата, Раднички и загуби во Крагуевац со 29-24.
Домашниот состав славеше само втора победа оваа сезона по триумфот над последнопласираниот Борац во септември.
Без нашите репрезентативци Миркуловски, Манасков, Јоновски и Вугринец, металурзите не успеаја да поведат ниту еднаш во дуелот во кој решавачки беа првите 30 минути во кои постигнаа само 9 гола а противникот 14.
Во продолжение за 8 минути аутсајдерот на хартија зголеми на највисоки 6 гола разлика, 18-12. Металург возврати со серија од 4-0 во наредните 4 минути, но немаше енергија и квалитет да направи комплетен пресврт.
Наумче Мојсоски беше најефикасен со 8 гола, 5 постигна Талески. Очајна вечер со по 4 одбрани имаа голманите Митревски и Мисовски. Металург останува шестопласиран на табелата, сега со 6 порази од 10-те досегашни дуели во Сеха лигата.
