Иванов: Блокираните институции не носат развој
Во годишното обраќање во Собранието, пред пратениците, пред Владата, дипломатскиот кор и другите гости, претседателот Иванов посочи кои се правците и проекцијата за Македонија во 2015 година и нагласи дека блокраните институсии не носат развој...

За бојкотот на Собранието, за блокираните евроатлантски интеграции, за меѓуетничките односи, за студентските протести, за реформите во економијата... Ова се поентите на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во неговото годишно обраќање во Собранието, пред пратениците, пред Владата, дипломатскиот кор и другите гости.
Иванов посочи кои се правците и проекцијата за Македонија во 2015 година и нагласи дека блокраните институсии не носат развој.
„Сакам да напоменам дека како претседател, пред седум месеци ги поканив политичките лидери, вклучувајќи ги и лидерот на опозицијата Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети, да разговараме за интересите на државата. Тие се уште не се одѕваа на поканата, која е се уште отворена. Да се одбие разговор за интересите на државата за мене е израз на крајно неодговорно политичко однесување. Затоа, на оние кои денес не се тука, сакам да им порачам дека политичкиот дијалог не е израз на слабост, туку израз на политичка зрелост“, рече претседателот Иванов.
Знаеме колкави се штетите и знаеме кои се последиците од блокадите на нашето членство во НАТО и во Европската унија. Блокадите предизвикуваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи, рече претседателот Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците.
„Официјална Атина може да ни го забави патот кон Брисел, но не може да нè спречи да ги имаме европските вредности, стандарди и критериуми. А токму тие се целта на нашиот европски пат – да ја донесеме Европа во Македонија. Наша обврска е да ги спроведеме реформите, да ги постигнеме стандардите и принципите, да ги обезбедиме човековите права и правото на човечко достоинство, за доброто на граѓаните на Македонија“, истакна претседателот Иванов.
Претседателот Иванов во својот говор истакна дека се потребни длабоки реформи во образованието на сите нивоа.
„Со внимание ја следам широката стручна и јавна дебата за нови сеопфатни законски решенија за сите степени на образование. Неопходно е да се слушнат сите засегнати страни, и универзитетите и студентите, наставниците и учениците, родителите, бизнис-секторот, предлагачот... Заеднички и низ дијалог да го најдеме најдоброто решение. Студирањето е и израз на слобода, но и на одговорност. Автономијата на универзитетот е уставно загарантирана и мора да се почитува“, рече претседателот Иванов.
Иднината на Република Македонија е во НАТО и во Европската унија, истакна шефот на македонската држава и додаде дека за жал откако во 2005 година станавме земја-кандидат за членство во Унијата, Европскиот совет не успеа досега да најде начин да ги започнеме преговорите за членство.
„Дали ќе ги чекаме преговорите за членство во Унијата па дури тогаш да почнеме да ги исполнуваме критериумите, или ќе ги вложиме сите напори да ги испочниме критериумите за членство во ЕУ дури и пред да ги почнеме преговорите, да ги имаме сите високи стандарди во јавната администрација, правосудството, медиумите. Дали пет години ќе го губиме времето или ќе бидеме подготвени уште веднаш по тој период да станеме членка на Унијата“, нагласи претседателот Иванов.
