Деца од семејства во социјален ризик на бесплатен зимски одмор

18.12.2014 13:59

Огласот ќе биде објавен утре, најавија од ресорното министерство, а ќе трае до крајот на годинава

Илјада дечиња од ранливите категории ќе го минат бесплатно зимскиот распуст. Огласот ќе биде објавен утре, најавија од ресорното министерство, а ќе трае до крајот на годинава.

Бесплатен зимски одмор ќе користат и децата без родители и родителска грижа родени во период од 2000 до 2004 година односно деца - редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2014/2015 година, појасни министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Оваа услуга ќе се користи во текот на зимскиот распуст во три смени од по 6 дена, во зимските туристички центри. Бесплатниот одмор и рекреација за деца опфаќа 5 полни пансиони,  ноќевање со три оброка дневно и едукативни, забавни и спортски активности.

Децата корисници на посебен додаток и деца со инвалидитет имаат право на придружник за време на користењето на услугата. Придружникот има право на пет полни пансиони.

Досега оваа бесплатна услуга имале можност да ја искористат 8.000 лица, односно 6.000 дечиња заминале на бесплатен летен одмор, а 2.000  на зимски одмор.