Трговци: Најдобра услуга во парфимериите, најслаба во супермаркетите

18.12.2014 14:54

Најдобрите трговски објекти се избираат преку тајни купувачи кои го истражуваат и оценуваат квалитетот на услугата според однапред утврдени критериуми...

Задоволниот муштерија секогаш се враќа по вторпат, а на таа одлука, често влијае насмевката на персоналот, услужливоста и  цените. Град Скопје по осми пат ги додели наградите за најуспешните трговци. Најдобри резултати покажале парфимериите, најслаби по квалитетот на услугата се супермаркетите.

„Наградата во овој момент е само потврда дека треба да се движиме во истиот правец, да работиме на ова поле и секогаш купувачите да бидат на прво место... Потрошувачите се многу важни за нас и нашата компанија инвестира многу во едукација на вработените“, велат дел од наградените трговци.

Најдобрите трговски објекти се избираат преку тајни купувачи кои го истражуваат и оценуваат квалитетот на услугата според однапред утврдени критериуми.

„Целта на наградата е да се поттикне развојот на трговијата и занаетчиството, и да се укаже на потребата за следење на современите текови и примената на модерни технологии“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Според анализите и годинава благодарноста и поздравот на заминување е слаба страна на македонските продавачи.

„Да се индентификуваат потребите на потрошувачите и следствено на тоа да понудат некој комплементарен или дополнителен производ“, смета Марко Радоњиќ - генерален менаџер на агенција за истражување на пазарот.

Истражувањето било спроведено во ноември – месецот на трговијата. Опфатени се 900 трговски објекти во 7 различни дејности. Секое избрано продажно место било посетено по три пати од тајните купувачи.

 

Сунчица Николовска