Сан Лоренцо за 54-та клупска пресметка Јужна Америка - Европа!
Во тврдо и тактичко полуфинале, без многу шанси, Аргентинците беа поумешни иако дебитираат на ФИФА натпреварувањата на континенталните шампиони, за разлика од Новозеланѓаните кои го играат шестиот турнир. Сан Лоренцо ги постигна головите во незгодни моменти за противникот...

Фудбалот се игра на сите континенти, малку се екипите коишто се апсолутни фаворити, па без разлика на теоретската предност, Сан Лоренцо се помачи за и практично да го претвори квалитетот во однос на Оукленд Сити во финале на Светското клупско првенство во марокански Маракеш. На освојувачот на Копа Либертадорес му беа потребни продолженија за да ја совлада најдобрата екипа од Океанија со 2:1.
Во тврдо и тактичко полуфинале, без многу шанси, Аргентинците беа поумешни иако дебитираат на ФИФА натпреварувањата на континенталните шампиони, за разлика од Новозеланѓаните кои го играат шестиот турнир. Сан Лоренцо ги постигна головите во незгодни моменти за противникот. По погодокот на Бариентос во дополнителното судиски време на првото полувреме, Оукленд пронајде начин да одговори преку Берланга и да израмни во 67-та минута. Сепак, голот на Матос во 93-та минута беше доволно Сан Лоренцо да обезбеди пресметка со Реал Мадрид. Без разлика на поразот, Оукленд го постигна најголемиот успех , откако во 2009-та беше петопласиран. В сабота ќе има можност да го освои третото место во дуелот со мексикански Круз Азул којшто ја претставува Конкакаф зоната.
Истиот ден ќе се одигра и големото финале во коешто Сан Лоренцо ќе се обиде да ја прекине серијата од 21 победа на неверојатниот Реал, да израмни на 27:27 во вечната пресметка меѓу евроопските и јужноамериканските тимови и по 11 години од титулата на Бока Јуниорс да и го донесе десетиот рекорден пехар на Аргентина.
Но, може ли некој воопшто да ја сопре машнита за голови на кралскиот клуб!?
