Иванов: Политичкиот дијалог не е израз на слабост, туку израз на зрелост

18.12.2014 15:34

Според Претседателот, празните места во Собранието не можат да ја претставуваат вољата на граѓаните иако тие го дале својот глас...

Политичкиот дијалог не е изарз на слабост, туку израз на зрелост. Претседателот Ѓорге Иванов уште на почетокот на годишното обраќање со порака до сите оние кои наместо од Парламентот, го следеа од друго место.

Според него, празните места во Собранието не можат да ја претставуваат вољата на граѓаните иако тие го дале својот глас.

„Сакам да напоменам дека како претседател, пред седум месеци ги поканив политичките лидери, вклучувајќи ги и лидерот на опозицијата Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети, да разговараме за интересите на државата. Тие се уште не се одѕваа на поканата, која е сеуште отворена. Да се одбие разговор за интересите на државата за мене е израз на крајно неодговорно политичко однесување“, рече претседателот Иванов.

Иванов рече дека меѓуетничките односи во Македонија сè уште се соочени со предизвици, кои доаѓаат и од политичка манипулација, која ја извртува вистинската слика за соживотот. Затоа, вели шефот на државата, и за тоа треба дијалог, исто како што е неопходен за решавање на предизвиците на патот на земјава кон ЕУ и НАТО. Ги знаеме последиците од блокатите на нашето членство. Тие предизвикуваат фрустрации, но се губи и европската идеја која треба да мотивира, посочи Иванов.

„Официјална Атина може да ни го забави патот кон Брисел, но не може да нè спречи да ги имаме европските вредности, стандарди и критериуми. А токму тие се целта на нашиот европски пат – да ја донесеме Европа во Македонија. Наша обврска е да ги спроведеме реформите, да ги постигнеме стандардите и принципите, да ги обезбедиме човековите права и правото на човечко достоинство, за доброто на граѓаните на Македонија“, истакна претседателот Иванов.

Позицијата на Иванов е дека регионот треба да соработува заради заеднички интерес. Меѓу врвните интереси е постигнувањето на економски раст и развој. Претседателот, во обраќањето се повика на професорската титула. Ги селди случувањата поврзани со реформите во образованието. Вели, потребни се, но да се спроведат внимателно.

Со внимание ја следам широката стручна и јавна дебата за нови сеопфатни законски решенија за сите степени на образование. Неопходно е да се слушнат сите засегнати страни, и универзитетите и студентите, наставниците и учениците, родителите, бизнис-секторот, предлагачот... Заеднички и низ дијалог да го најдеме најдоброто решение. Студирањето е и израз на слобода, но и на одговорност. Автономијата на универзитетот е уставно загарантирана и мора да се почитува, рече претседателот Иванов.

Годишното обраќање на Претседателот го следеа министри и претставници на дипломатскиот кор. Во салата ги неамше пратениците на опозицискиот блок партии и на владејачката ДУИ.

СДСМ бојкотира, а партијата на Ахемти, не му го признава легитимитетот.

 

Миле Ристески