Битолчани го чествуваат заштитникот на градот, Св. Нектариј
Да ги воспитуваме денешните генерации онака како што пред пет века Битола го одгледала и воспитала преподобниот Св. Нектариј, порача митрополитот г. Петар на одбележувањето на патронот и заштитникот на градот, Св. Нектариј Битолски...

Битола го одгледала и духовно воспитала, а се надградувал на Света Гора, каде до ден денес се наоѓа неговото свето тело. Битолчани велат, неговите дела се достојни тој да биде заштитникот на градот.
„Преданијата велат дека неговите подвизи биле големи кога се работело за заштита на тогашното немоќно население пред налетот на злото“, вели битолчанката Павлина Божиновска.
„Заслужува да го чествуваме, нели помагал на мачното и обесправено население“, вели нејзината сограѓанка Марија Ѓоргиевска.
„Јас сум млада, но сум случала од моите дедовци и баби за Св. Нектариј. Затоа со моите другарчиња денеска дојдовме на утринската божествена литургија“, вели младата верничка Фанија Неденовска.
По утринската божествена литургија, по традиција чествувањето продолжи по битолските улици со литијата на моштите на светиот Агата Ангел.
„Честа е голема да се биде дел од литијата. Битола ја има привелигијата за заштитник да има светец кој потекнува токму од ова поднебје“, вели градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Делото на овој горостас треба да ни биде патоказ како да ги воспитуваме денешниве генерации, порача митрополитот Г. Петар.
„Ако Битола го одгледала и воспитала, ние православните битолчани мораме да се огледаме на нашиот заштитник и во тој дух да придонесеме денешните генераци да живеат, а не со пороците“, рече митрополитот г. Петар.
Деновиве беа допрецизирани и најситните детали за изградба на црква во центарот на градот посветена на патронот и заштитник.
Стевче Митревски
