„Гентерм“ го објави планот- ќе отвори 2.000 нови работни места
Уште еден бренд од автомобилската индустрија и официјално влегува во Македонските развојни зони. Американската компанија Гентерм ја објави одлуката да инвестира во прилепската индустриска зона. Компанијата произведува греачи за седишта и системи за ладење на волани...

До крајот на неделава ќе се бара домашна компанија која ќе биде проектант на фабричкиот објект. Градежните активности започнуваат напролет , а компанијата ќе почне со работа во втората половина од идната година, објасни директорот на развојните зони.
„Се работи за фабрика која во првата фаза ќе има околу 6.400 квадратни метри. Она што е важно е дека до крајот на оваа недела компанијата ќе избере локална македонска компанија која ќе биде проектант. Проектот треба да биде завршен до крајот на месец февруари и да се избере градежна компанија“, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.
Во меѓувреме, американската компанија ја објави динамиката на својата инвестиција во Македонија. Во првите три години ќе вработи 1.000 луѓе, а процесот треба да се заокружи со 2.000.
За граѓаните оваа инвестиција ќе биде предизвик младите да останат во својот крај.
„Ќе се вработат многу млади... Слушаме секаде најавија, само Прилеп немаше, еве сега дојде... Оваа инвестиција е добредојдена“, велат прилепчани.
Според градоначалникот на Прилеп инвестициите како оваа ќе донесат развој на општината и намалување на невработеноста.
„Ова е голема економска и финансиска инјекција за градот Прилеп. Ние нема тука да застанеме. Заедно со Владата, ќе продолжиме да работиме и понатаму да привлекуваме нови странски инвеститори во Прилеп“, изајви градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
Со изградбата на фабриката ќе се гради и инфраструктурата, ќе бидат ангажирани домашни фирми од градежништвото и услужните дејности.
Дијана Ценевска
