Медицинарите на нов тест за односот кон пациентите
Не теба да ги оставаат да чекаат долго и треба учтиво да се однесуваат кон нив. Оние кои имаат мака ќе можат да се пожалат кај директорите на здравствените установи. За тоа ќе има приемен ден...

Ако пациентот долго чека тогаш нешто не функционира добро - ако некој од медицинскиот персонал лошо се однесува - ќе биде пријавен кај директорите на здравствените установи – Министерството за здравство објави новина која има за цел да го подобри третманот на оние кои имаат мака.
„Се предвидува доколку има одредена поплака директорот задолжително да го повика пациентот, да го повика докторот или здравствениот работник, сестрата, болничарот против кој што е поднесена поплаката и во непосредна комуникација да се утврди дали има вина и дали се пречекорени овластувањата на вработениот во здравствената установа, доколку се утврди дека има пречекорување тогаш треба да се поведе постапка“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
За ова ќе има приемни денови. Ќе бидат објавени на влезот на здравствената установа.
Идеата за приемни денови со пациентите е по примерот на европските здравствени установи каде што првите луѓе на болниците одржуваат редовни средби со пациентите и постапуваат по нивните забелешки.
Во врска со новиот протокол за царски рез, министерот потврди дека гинеколозите не ќе можат да го прават по желба на родилката. Според податоците, над 30 отсто од породувањата се оперативни - процент кој е за 10 отсто повисок од земјите во регионот. Тенденцијата е тој да се намали.
Андријана Атанасовска
