2014-та година најсмртоносна за мигрантите

18.12.2014 16:43

Темата на годинашниот Меѓународен ден на мигранти – 18 декември е „Спасување на животите на мигрантите“, а има цел да го привлече вниманието на светот за растечкиот број мигранти кои го губат животот, обидувајќи се да стигнат до безбедно тло. 2014-та година е најсмртносна за овие луѓе, 5.000 мигранти го загубиле животот, што е двојно повеќе во споредба со минатата година...

Течението на реките, железничките пруги се најчестите патокази што ги следат мигрантите барајќи ја среќата во западно европските земји. Од 2010 до 2013 година за 3 пати е зголемен бројот на мигрантите, повеќе од  20.000, од Блискиот Исток и Северна Африка транзитирале низ Турција, Грција, Македонија, користејќи ја маршрутата Западен Балкан.

Лани во Македонија имало околу 1.200 мигранти, што е за 50 проценти повеќе од 2012-та. Од Интернационалата организација за мигранти велат дека на овие луѓе мора да им се помогне.

„Има потреба во поддршка за приспособување на капацитетите за прифаќање на мигрантите, потребни се обезбедување на превод и спороведување на програми за асистирано доброволно враќање“, вели Соња Божиновска – Петрушевска, раководител на Канцеларијата на интернационална организација за мигранти.

Мигрантите често кога се приведени се пријавуваат како азиланти, затоа надлежните ги згрижуваат во прифатилиштето во Визбегово. Во моментот, во центарот привремено се сместени 60 - ина Сиријци, Авганистанци, Пакистанци и Сомалијци. Таму чекаат да им се прифатат барањата за азил или да бидат депортирани во родната земјата.

„Ќе одам во странство, во Германија. Имав политички проблеми и затоа ја напуштив мојата земја. Македонија не ни дава лесно пасоши и документи и затоа ќе одиме во друга земја“, вели мигрант од Пакистан.

Но, не сите имале среќа, како интервјуираниот Пакистанец да останат живи. За неколку месеци само во Македонија загинаа 8 мигранти. Миграциските рути годинава во смрт  однесле 5.000 бегалци.

 

Наташа Јанчиќ