Весела Богдановиќ- наставничка од милион долари

18.12.2014 17:04

„Сакам децата да бидат среќни кога се на училиште. Сакам сите денови од понеделник до петок да бидат денови за радост!“- ваквата визија ја одведе наставничката Весела Богдановиќ во групата 50 најдобри во светот. Наградата за тој што ќе биде прв е 1 милион долари. Ако ги добие, ќе отвори едукативен комплекс. Еве ја нејзината животна сторија...

Наставничката Весела Богдановиќ, која предава во основното училиште во битолското село Ивањевци од страна на фондацијата „Варки Џемс“, чиј претседавач е Бил Клинтон, е прогласена за еден од 50-те најдобри наставници во светот, во конкуренција на илјадници нејзини колеги. Нејзините часови се вистинска уникатна креација. Децата на забавен начин, со различни предмети, ги учат и ги совладуваат наставните програми.

„На броевите им даваме човечки локови, човечки особини, двојката е сосед кој оди нагости кај другиот сосед, за 10 поголем од него, во соседната куќичка, затварачите пластични за шишиња ги користиме за различна намена, за броевите за буквите, за составување на зборови, за препознавање на букви“, вели Весела Богдановиќ, учителка.

Богдановиќ вели дека постојано воведува нови креативни методи за да секој предмет стане подостапен за учениците.

„Сакам децата да бидат среќни кога се на училиште, несакам да се случува кога ќе дојде петок тие да се радуваат бидејќи си одат дома, туку обратно кај нас петок не е ден за радување туку ден кога се оди дома има викенд и на училиште ќе дојдат дури по 2 дена“, додава Богдановиќ.

„Многу ни е интересно кога сме на училиште и сакаме многу да учиме“, велат учениците.

Сите овие интересни креации се творби на овие дечиња, тие сами си изработуваат надгледен материјал од различен отпаден и природен материјал.

Наредната година во март, во дубаи, ќе биде се случи прогласувањето за најдобар наставник во светот, кој ќе освои и награда од 1 милион долари.

„Доколку би добила милион долари сакам да отворам еден едукативен комплекс кој би бил дисперзиран во повеќе градови на Македонија“, истакна Богдановиќ.

До март сите и посакуваме среќа и ние да ја добиеме првата учителка од милион долари во Македонија. Но верувајте нејзината работа со овие мали деца е бесценета, и неможе да ја заменат и сите пари на светов.

 

Дарко Штарговски