Реакции: Топењето на мразот меѓу САД и Куба е храбар гест!

18.12.2014 17:11

САД и Куба ќе ги обновуваат дипломатските односи. Славје во Хавана, протести на кубанската заедница во Мајами. Светските лидери го оценуваат топењето на мразот како историски пресврт...

„Храбар гест“  - вакви се реакциите на светските лидери за историското приближување на САД и на Куба. Според нив, овој потег ќе ја извади комунистичката земја од изолација. На улиците на Хавана поделени емоции.

„Да живеат Фидел и Раул. Да живеат засекогаш“, вели жител на Хавана.

„Зошто? Бидејќи ги ослободија затворениците пто биле држени многу години, и тоа за нас значи дека ќе ги поправи дипломатските односи со САД“, смета Олга Хименез, жител на Хавана.

Дел од кубанските блогери пак напишаа:

„Има луѓе што плачеа и оние кои не веруваат дека ова се случува. Промената е нешто што долго го чекале оние што биле родени за време на долгогодишната војна која не ја посакувавме“.

Колумбискиот претседател Сантос рече дека се исполнува сонот за континент во кој ќе владее мир меѓу нациите. За Венецуелсикиот шеф на државата Мадуро, ова е морална победа за Фидел.

Поранешниот американски државен секретар, Хилари Клинтон изјави дека американскиот ангажман во Куба ќе охрабри вистински и трајни реформи за кубанскиот народ.

Според аналитичарите помладите луѓе коишто имигрирале во скоро време се поотворени за дијалог отколку постарата генерација. За нив, најдобрите денови за Куба допрва доаѓаат.

Американско-кубанските односи замрзнаа откако во раните 60-ти Америка ги прекина и наметна ембарго по кубанската револуција која доведе до комунизмот. Во последните 54 години, од почетокот на ембаргото кубанската економија претрпела штета од околу 1, 1 трилион долари, додека пак американската економија 1, 2 милијарди годишно.

 

Марина Автовска