Економските теми доминираа на самитот на ЕПП
Состанок на Европската народна партија во Брисел како подготовка пред Самитот на Европскиот совет што почнува попладнево. На средбата на водечката коалиција во Европската унија ќе учествуваат и претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија...

Економските теми доминираа на самитот на Европските народни партии во Брисел, на кој учествуваше и македонскиот премиер и претседател на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски. Инвестицискиот пакет на Европската комисија тежок 300 милијарди евра, како и состојбата во Украина беа во фокусот на состанокот на првите луѓе на десно- oриентираните партии, кои во моментов се најголема политичка опција во Европскиот Парламент.
„Прва најглавна тема беше инвестицискиот пакет кој новиот претседател на Комисија, г-дин Јункер го подготвува како и позицијата на ЕПП во тој правец, во смисла на тоа дека ЕПП не се залага само за давање пари, туку и за инвестирање на средствата, за одржлив буџет и паралелни структурни реформи. Втора главна тема беше состојбата во Украина и она што се случува на теренот, односно проблемите на Украина на финансиски план, при што е изразена поддршката од страна на Европската унија, вклучително и финансиската поддршка за која дел од присутните оценија дека не е доволна“, изјави премиерот Груевски.
На маргините на денешниот Самит, премиерот Груевски оствари и неколку билатерални средби со премиери и лидери на десно- ориентираните партии, како и со претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол.
Премиерот Груевски исто така оствари средба и со новиот комесар за соседство и проширување, Јоханес Хан.
„Предмалку за прв пат се сретнав и со г-динот Јоханес Хан. Кратко разговараме и потврдивме дека потребно е понатаму да имаме една работна средба поврзана со Република Македонија“, рече Груевски.
Утре во Брисел премиертот Груевски ќе ја оствари и првата средба со новоизбраниот претседател на Советот на ЕУ, Доналд Туск.
Марина Стојанова- Тонева , постојан дописник од Брисел за МРТ
