Надградба на вештините за квалитетно образование
На Академијата за наставници, просветните работници ќе изготвуваат наставни материјали, ќе креираат иновативни проекти и развојни политики во училштето. Обуката ќе биде задолжителна за идните, а постојните доколку сакаат ќе можат да аплицираат...

Дипломата ја дава титулата - надградбата на вештините, квалитетoт во работата. Просветните работници со кои разговаравме за Академијата за наставници велат дека обуката е неопходна за квалитетно образование.
„Многу е важно еден наставник да се надградува, колку во образовниот, толку и во воспитниот процес, во начинот на работа, методскиот дел, начинот на приоѓање кон учениците“, смета одделенскиот наставник Душица Трајковска.
„Нашата работа е посебна, работа со деца- тие се најскапоценото нешто на самиот родител, на нашата иднина“, вели нејзината колешка, Маја Арсовска.
Иако Елеонора Лазаров веќе пет години работи како наставник, вели дека ќе се пријави во Академијата за да се стекне со иновативни вештини што ќе и помогне да го задржи вниманието на нејзините ученици.
„Ќе се лиценцирам како наставник, затоа што сметам дека тоа за мене како наставник ќе биде одлично, но и за моите ученици, бидејќи ќе бидам надоградена за да им го пренесам моето знаење“, смета Елеонора Лазаров.
Психолози сметаат дека секој наствник треба да оди чекор напред во својата професија. Според нив тоа ќе придонесе учениците да добијат подобра едукација и кавалитетна настава. Обуката е посебно значајна за младите кадри без искуство.
„Наставниците кои веќе имаат завшено Педагошка Академија, би требало со задоволство да го прифатат овој проект, бидејќи тоа е надоградба, со која се и финансиски мотивирани“, смета психологот Вера Митровска.
На Академијата за наставници, просветните работници ќе изготвуваат наставни материјали, ќе креираат иновативни проекти и развојни политики во училштето. Обуката ќе биде задолжителна за идните, а постојните доколку сакаат ќе можат да аплицираат.
Оние кои ќе ја поминат обуката ќе добијат лиценца и повисока плата за 3.000 денари. Надградбата ќе се состои од 40-ина часа обука во текот на 3 учебни години. Најмалку 20 часа се од учество на акредитирани програми за обука.
Викторија Тодоровска
