Ставрески: Задолжницата одложена на барање на бизнис секторот

19.12.2014 10:23

Задолжницата како инструмент е замислена како поддршка на финансиската дисциплина и заштита на доверителите и оние кои имаат побарувања во деловниот однос. Одложување на нејзината примена за три месеци е на барање на бизнис секторот...

Државата им излезе во пресрет на компаниите, па сега тие имаат дополнителни три месеци да се подготват за задолжителната задолжница, со која ќе се стави ред во должничко- доверителските односи во стопанството.

„Задолжницата како инструмент е замислена како поддршка на финансиската дисциплина и заштита на доверителите и оние кои имаат побарувања во деловниот однос. Одложување на нејзината примена за три месеци е на барање на бизнис секторот за доуредување на начинот на нејзиното издавање. Барањето е рамковно да се издава за поголем износ на средства одеднаш со цел да се избегнат бирократските процедури“, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во дебатната емисија „Акцент“ на МРТ1.

Појасни дека одлуката за одложување на примената ја донеле по средбите со бизнис заедницата на кои било укажано дека има потреба од одредено доуредување на начинот како ќе се издава задолжницата, особено, како што рече Ставрески, кога станува збор за компании кои имаат на дневна основа голем број трансакции над пет илјади евра колку што е прагот на задожителната задолжница.

Сметаме дека тоа е оправдано барање односно оправдана забелешка којашто ја разгледавме во Министерството за финансии и од тие причини предложивме да се дополни Законот во насока да се овозможи рамковно да се издава задолжницата за поголем износ на средства со цел да немора фирмите да се занимаваат со бирократски процедури. Доколку компанијата работи постојано со одредена фирма да може на еден рамковен износ да ја даде задолжницата еднаш и да не мора за секои пет илјади евра да оди кај нотар, да ја заверува и слично. За тоа да се направи потребно е адаптирање на софтверот и малку  повеќе време и затоа се даде пролонгирање на рокот за три месеци со цел да излеземе во пресрет на ова барање на бизнис заедницата, објасни вицепремиерот Ставрески.

 

Целата дебатна емисија „Акцент“ можете да ја погледнете на следниот ЛИНК