Црна Гора и Норвешка фаворити во полуфиналето
За место во неделниот завршен двобој за пехарот, во полуфиналето во Арената „Ласло Пап“ вечер ќе играат Црна Гора-Шпанија и Норвешка-Шведска...

Четирите најдобри женски ракометни репрезентации на континентот се во Будимпешта, на последната дестинација на годинашното Европско Првенство. За место во неделниот завршен двобој за пехарот, во полуфиналето во Арената „Ласло Пап“ вечер ќе играат Црна Гора-Шпанија и Норвешка-Шведска.
На овој ракометен самит којшто првпат се одржува во две држави, круната од пред две години ја бранат Црногорките, во чијшто тим значајна улога имаат членките на вардар Јованка Радичевиќ и Андреа Кликовац. Соочувањето со Шпанките ќе биде меч на два сосема различни система на игра. За двете селекции ова ќе биде второ полуфинале на европските шампионати. Во 2012 Црна Гора ја прескокна Србија и подоцна го освои златото, додека во 2008 Шпанија беше подобра од Германија, но потоа загуби во финалниот меч. Во главната натпреварувачка рунда на овој турнир Црногорките дојдоа со само два бода од првата групна фаза, но единствени ги добија сите три средби во Загреб и како победници ја завршија четвртфиналната група 2. Шпанките, пак, во Дебрецин донесоа максимални четири бода, но загубија од Норвешка и од Романија, по што во квартетот најдобри се пласираа со победата над Данска во последното коло.
Второто полуфинале ќе биде скандинавско. Разликата меѓу протагонистите во однос на нивните настапи на претходните шампионати и не може да биде поголема. Норвежанките само еднаш не биле полуфиналистки, во 2000, дури осумпати играле во финалето, а рекордерки се со пет европски титули. Швеѓанките само еднаш биле во друштвото на четирите најдобри, во 2010, кога со триумф над Романија се изборија за финале токму со Норвешка. На овој турнир, пак, по петте победи во првите пет средби, Норвежанките го загубија последниот меч од главната рунда со кодомаќинот Унгарија, но во него одмораа дел од најважните ракометарки. Швеѓанките, пак, беа поразени од Црна гора.
Само една скандинавска репрезентација ќе игра во неделното финале. Традицијата вели дека досега само еден меч за титулата бил без учество на Норвешка, на данска или на Шведска. Во финалето во 2000 играа Унгарија и Украина.
Украинките се далеку од европскиот крем во последните години, а без борбата за медали овој пат останаа и Унгарките, коишто на разочарување на домашната публика во Будимпешта против Франција вечер ќе се борат само за петтата позиција на завршниот пласман. Таа, пак, може да има значење за олимписките квалификации за Рио 2016.
